logo-mini

самостојна изложба – владимир јовановски

Сподели

самостојна изложба – владимир јовановски

Над четириесеттина уметнички фотографии беа претставени на изложбата на Владимир Јовановски, што од 24 јануари до 6 февруари 2014 година се одржа во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев” во Куманово. Ова беше прва самостојна поставка на авторот кој своите дела досега ги изложувал на повеќе од 200 меѓународни конкурси во над 20 земји во светот.

Делата кои што се на оваа поставка се настанати во изминатите пет години, а самата изложба и фотографиите се обработувани во една техника во последниве три месеци во консултација со неколку големи мајстори на фотографијата како што се Драгослав Мирковиќ од Србија, Слободан Крстиќ од Босна, Бурак Сенбак од Турција и нормално македонскиот Душко Јовановски.

Роден 1983 година во Куманово, Владимир Јовановски во светот на уметничката фотографија влегол на својата десетгодишна возраст кога започнал со учества на регионалните и републичките Олимпијади на млади техничари. Своите дела започнал да ги изложува на националниот натпревар Денови на македонска фотографија и досега има учествувано на повеќе од 200 меѓународни изложби во над 20 земји од светот. За нив е добитник на голем број награди од кои бележити се онаа на FIAP и златниот медал во Луксембург и сличните големи признанија во Србија, Босна и Херцеговина и во Аргентина.

На интернационално ниво Владимир Јовановски е претседател на Меѓународната асоцијација на уметничка фотографија (IAAP), од 2012 година и претставник на Македонија за ISF (Image Sans Frontier), а подоцна и во УПИ (United Photographers International). Згора на тоа  прогласен е за почесен член на IAAP (International Association of Art Photographers), ISF (Image Sans Frontier), ICS (Image Colleague Society) и фото клуб Крагуевац, а најмногу е горд на својот удел во проектот “Другите сто” во Тајван и на работата на втората најстара меѓународна изложба на уметничка фотографија во светот – 120-от салон во Торонто, Канада.

Од таму нималку не чуди кога тој знае да забележи дека во Македонија во моментов имаме фотографи и фотографски стилови кои што се многу различни и кои што се на исто рамниште со светски познатите мајстори на фотографија.