logo-mini

Жените и фотографијата 2021

Сподели

Жените и фотографијата 2021

Во чест на меѓународниот ден на жената, 8-ми Март, Фото клуб Куманово во соработка со Центар за култура „Трајко Прокопиев“ ја организираше националната изложба на уметнички фотографии Жените и фотографијата.

Фото Клуб Куманово на творечки начин говори за ангажираното присуство на жената во светот на фотографијата и тоа го претвора во традиција! Ова е осмо издание на изложбата во која се прикажани 50 фотографии од женската фотографска фела во Република Македонија.

Меѓународниот ден на жената е потсетник да запреме – да го согледаме и славиме напредокот на жените низ историјата. Историја која сведочи за борба на храбри и достоинствени жени со цел обезбедување на подобра позиција на жената во сите сфери на општеството. Општество ослободено од стегите на родовата нееднаквост – општество отворено за промени и нови предизвици. Жените прават вистинска револуција во осознавање на светот, која води кон рушење на поделбите, а со тоа и прифаќање на нови мислења и воспоставување на нови парадигми.

Како индивидуи или здружени во организации, жените се борат за еднаквост на можностите, но и за еднаквост во резултатите. Изворите покажуваат дека до 1900 година имало повеќе од 7000 професионални жени фотографи во светот. Жените сочинуваат скоро 20 проценти од професијата во време кога било невообичаено жените дури да имаат професија.

Фото клуб Куманово е со поголема бројност на жени фотографи, а тоа е еден од многуте показатели за нивна се поголема вклученост во оваа креативна дејност.

Жената отсекогаш била дел од светот на фотографијата, како муза – како инспирација, но и како уметник и автор која преку фотографии има моќ да дејствува и да инспирира.

Фотографијата како актуелен и моќен медиум на изразување одбележувајќи го секој белег на времето во кое живееме, сведочи за успешноста на жените во креирање на поубав и по хуман свет! Стремејќи се кон новости, со истражување на стилски насоки, авторките доловуваат свои визии на свет кој што е полн со предизвици. На изложбата застапени се две теми. Ставен е акцент на жената – нејзината појава и улоги во еден организиран визуелен облик кој заслужува внимание, и слободна тема како простор за интерпретација на светот околу себе виден преку објективот на жените автори.

Проектирани се личните доживувања на стварноста и феноменот на секојдневието со разновидни стилски определби, но со исти цели во естетска и емотивна основа на своето творештво, изразувајќи се во жанрот кој највеќе соодветвува со нивниот сензибилитет.
Разновидноста, актуелноста и автентичноста на нивните уметнички сфаќања и толкувања, високиот степен на естетска свест ги чини рамноправни членови во оваа креативна дејност.
Со анализа на содржината на делото т.е. мотивот па и комплетната форма може да ја поврземе фотографијата со духот, карактерот и личната култура на фотографот, па дури и со полот на авторот.

Авторката поради различноста во перцепцијата, суптилноста, вроденото чувство за грижа и емотивноста која може да ја раскаже и долови само жената фотограф – преку фотографијата успешно произведува цел свет од доживувања, спомени, моменти и пресеци на реалноста и местото каде што припаѓа.

Фотографиите учествуваат во животот на идните генерации како предмети од визуелно емоционално и интелектуално искуство на они кои ги разгледуваат. Тие продолжуваат да ја емитуваат во себе пораката, експресивна енергија која ја втиснале нивните автори. Целта на изложбата е да се даде поттик, поддршка, да се продолжи со активноста, а ние како Фото Клуб да ја славиме жената како творец во областа на фотографијата!

Во продолжение дел од изложените фотогрфии: