logo-mini

Сподели

Изложба на Јан Вало во Свети Николе

Фотографиите на Јан Вало се проткаени со егзистенцијалистичка нишка која со гест статиран во фотографија нѐ асоцира на изгубеното и нѐ мотивра на потрага по како што би кажал Милтон „изгубениот рај“.
Објектите во фотографиите се секогаш различни. Во дел од фотографиите објекти се ликови, способни за интеракција и пренесување порака додека во други фотографии објектите се – природна појава. Тоа значи дека хомонимноста на објектите не е универзална црта по која се препознава фотографското авторство на Јан Вало.
Преку фотографијата, Вало, како да сака да нѐ разбуди од догматскиот дремеж на секојдневието и да ни укаже дека појавите од нашето секојдневие се „нормални“ поради својата репетитивност. Фокусирањето на еден објект ни ја скокотка скептичноста и ни раѓа љубопитност да ѕирнеме под велот на површноста. Фотографиите на Вало го претвораат немиот и конформистички догматичар во непоправлив скептичар и трагач.
На фотографиите во кои објектот е лик што е под претпоставка на свесно и интенцијално пренесување на порака, се пренесува егзистенцијалистичко чувство. Коплексот на егзистенцијалистички емоции се рефлектираат во: изместеност од удобниот ритам, запрашаност, неудобност и засегнатост.
Но, на фотографиите во кои централни објекти се природни појави, како на пример облаци на небото кои индексно реферираа на дожд, тогаш тие содржат силна оптимистичка нота. Во таа оптимистичка нота се крие магискиот елемент на „персонификација“ на природните појави. Покрај тоа, Вало како и Имануел Кант, нѐ потсетува дека убавото не ексклузивно право на уметноста, туку и дека постои „убаво во природата“, со таа разлика што природното убаво во уметничките фотографии на Вало се умножува и негува.