logo
logo

Стефан Коцевски со самостојна изложба во Бор

На 13 јуни, градот Бор во Србија беше домаќин на уникатна рок манифестација, каде што дел од програмата беше и самостојната изложба на концертна фотографија на нашиот член Стефан Коцевски.

Во рамки на настанот BOR(n) to be Wild, кој обедини тринаесет врвни концертни фотографи од Србија и регионот, изложбата на Стефан доби особено внимание. Неговата работа беше претставена во просториите на Народната библиотека во Бор, каде што беа изложени силно изразени моменти од алтернативната музичка сцена. Преку неговиот објектив, публиката можеше да ја почувствува енергијата и душата на музиката, замрзнати во секунда светлина.

Стефан, кој е активен член на Фото клуб Куманово од 2023 година, е познат по својот автентичен пристап во концертната фотографија. Неговата способност да долови атмосфера, движење и емоција го прави еден од најистакнатите фотографи на ова поле кај нас. Со самостојната изложба во Бор, тој не само што ја претстави својата работа на меѓународна сцена, туку и достојно го претстави и фото клубот.

Особена чест беше и признанието што му беше врачено – благодарница од организаторите на манифестацијата BOR(n) to be Wild, во знак на благодарност за неговото учество и придонес во културниот живот на регионот.

Фото клуб Куманово искрено се гордее со Стефан и му честита на овој значаен успех. Посакуваме оваа изложба да биде само почеток на уште многу нови проекти, настапи и признанија.

Comments are closed.