6 Јуни 2015 година, Куманово живееше во духот на фотографијата. Втора година по ред, Фото клуб Куманово успешно го реализираше проектот насловен како “ Фото фестивал Малински”.
Членовите на клубот, со своите идеии и креативност подеднакво учествуваа во реализација на проектот и со отворени врати ги пречекаа посетителите.
Изложени над 300 фотографии од околу 200 локални и светски автори, беа резултат од активната работа и селекција на членовите на клубот, се со цел да се прикаже квалитетна фотографија која ќе го задоволи вкусот на љубителите на фотографијата.
Во кафулето Галерија, со почеток во 13 часот, од страна на Жаклина Стефановска (член во фото клубот и еден од организаторите на настанот) свечено беше отворен фестивалот а воедно и изложбата ” Best of the best ” каде беа претставени 80 најдобри фотографии од светски реномирани автори.
Над стотина љубители на фотографија од Скопје, Прилеп, Битола, Кавадарци. како и од соседството, дојдоа да ја проследат програмата.
Националната Установа Центар за Култура “Трајко Прокопиев” во 14:30 часот беше наредната локација каде се отвори меѓуклупската изложба на фотографии “Круг” од страна на Божидар Барлакоски ,член на Фото кино клуб Прилеп и селектор на фотографиите на меѓуклупската изложба.За најдобрите фотографии беа доделени награди и дипломи од страна на претседателот на Фото клуб Куманово, Софија Петковска. Во истата установа, следуваше и отварање на изложбата на фотографии од средното училиште “Наце Буѓони” од страна на Директорката, Лидија Михајловска и менторот на учениците, професорката Тања Соларска-Темелковски.
Целодневно отварање на изложби на уметничка фотографија продолжи во Уметничката Галерија на град Куманово каде со самостојната изложба се претстави српскиот мајстор на фотографија Зоран Ѓорѓевиќ која броеше 50 фотографии во црно-бела техника и голем број на категории. Изложбата беше отворена од страна на господинот Зоран Ѓорѓевиќ и Марина Крстиќ (член од Фото Клуб Куманово и организатор на настанот). На иста локација следеше и отварањето на клупската изложба “Тумба” каде членовите на Фото Клуб Куманово и овогодинешните курсисти ги претставија своите фотографии со што на гледачите им дадоа еден пример од нивните стилови и разлики во фотографирањето.
Во театарот на град Куманово, гостите проследија шест фото проекции од следните автори: Лили Марковиќ, Хулки Муради, Рилинд Хоџа, Александар Наумчевски, Кирил Штрков и Ахмед Абдулазим. Проекциите претставуваа посебно доживавање на фотографиите, спој на музика и фотографија, посебна перцепција и емоција кај гледачот.
Со отварање на самостојна изложба на Предраг Поповски во просториите на Фото клуб Куманово, се заврши програмата од целодневниот настан. Изложбата беше отворена од страна на Маја Поповска, која истакна дека авторот се претставил со 30 фотографии кои претставуваат спој на досегашното негово творење.
И оваа година успешно се оддржа и се продолжи традицијата на Малински Фото Фестивал кој полека но сигурно ќе прерасне во настан по кој градот Куманово ќе биде препознатлив.