Креативниот дострел на членовите на фото клуб Куманово повторно беше потврден со награди на неколку меѓународни изложби на уметничка фотографија. Изминатите две недели фото клубот ги искористи да се претстави со свои трудови на изложбите во Србија кои ги носеа имињата Београд Фото и Сенки (Shadows). Овие традиционални изложби годинава имаа голем прилив на автори од повеќе од 60 земји, па од таа причина освоените награди ги сметаме драги за нас, но истите се особено важни како за нашиот град, така и за Македонија.
Владимир Јовановски успеа да се закити со златен ФИАП медал во темата природа на изложбата Сенки, но на истата освои и диплома за црно-бела фотографија. На изложбата Београд Фото, Александар Драгишевски со своето дело „Macedonian Girl“ влезе во потесниот круг на најдобри фотографии, а притоа успеа да освои диплома за фотографија. На оваа изложба ист резултат посигна и Владимир со неговите фотографии „Djuro at easter“ и „Kalemegdan“.
“Доколку направиме анализа на се она што не опкружува, може со сигурност да кажеме дека Македонија не ни нуди посебни услови за фотографија на тема природа, која се вклопува во дефинициите на светските фото организации. За да направите ваква фоторафија, а подоцна да треба ја ставите на мерило со пејсажите од Исланд, пустините на Оман, изгрејсонцата во Кина и притоа да освоите прва награда, говори за умешноста и креативноста на нашите автори.” – вели Владимир Јовановски.
Полека, но сигурно резултатите и постигнувањата на членовите на фото клуб Куманово, го ставаат нашиот град на пиедесталот на успешни и познати клубови како на Балканот, така и на светско ниво.