logo
logo

нови успеси на меѓународно поле

Фото клуб Куманово успешно ја заокружува третата година од своето формирање. Во овој периодот беа реализирани многу активности со цел промоција и анимирање на уметничката фотографија, проширување на контактите и соработката со останатите фотографски друштва во Македонија и низ Светот, како и изведување на бесплатни фото-курсеви, со можност, по успешно завршување на предавањата курсистите да станат нови членови на ФК Куманово.

Особена гордост за членовите на клубот е организацијата на фотографскиот фестивал насловен како „Малински Фото Фестивал“ кој што за прв пат беше организиран во ноември 2014 година. Оваа 2016-та година фестивалот траеше два дена и се одржа во два града, Куманово и Кратово. На настанот присуствуваа гости од Србија, Босна, Италија и Полска. Беа одржани повеќе настани од кои се истакнуваат меѓуклупската изложба на фотографии „Круг“, предавањето на фотографот Зоран Ѓорѓевиќ на тема документарна фотографија, фото сафарито во град Кратово и др.
За успесите на клубот говорат и големиот број награди освоени на реномирани меѓународни изложби. Така само во последниот период од 2 месеци со награди се закитија Владимир Јовановски, кој освои PSA сребрена медала и PSA диплома на фото фестивалот Смедерево 2016, PSA бронзена медала на изложбата Контраст во БиХ и GRADAC PGI бронзена медала на фестивалот МСМ Круг во Црна Гора, потоа Александар Драгишевски и Марина Крстиќ кои што добија по неколку дипломи на фото-фестивалот Лепосавиќ Салон кој што се одржа на Косово. Како потврда за досегашните достигнувања на клубот е и членството во FIAP, PSA и IAAP.
За во иднина плановите на Фото клубот Куманово се да работи на проширувањето на својата членската база како и да организра одржување на нови изложби со што ке биде збогатен културниот живот во нашиот град.

Comments are closed.