logo
logo

отворена изложбата „жените и фотографијата 2019“

Ако жена го постави прашањето: како е да се биде жена, тогаш да се биде жена фотограф е откривање на одговорите на тоа вечно прашање. Никогаш не било лесно да се дефиниратоа прашање, а уште помалку било лесно, – реално да се биде жена. Можеби да се одговори на тоа е потешко одошто да се живее реално како жена. Да се биде жена е голем предизвик и борба, а да се биде жена фотограф значи да се удвостручи тегобноста на предизвикот и борбата.

Објективот на жената фотограф е различен од објективнот на маж фотограф, авторката на фотографијата има сосема поинаква перцепција за динамиката на објектите кои се опфатени со кадарот од апаратот. Различноста на перцепцијата се одликува и во квалитетот на фотографијата и во тематиката, објектот на фотографирање и техниката. Авторката преку фотографијата произведува цел свет од доживувања и пресеци на реалноста и светот каде што припаѓа. Преку описот со помош на светлина, фотографката учествува во создавање на смисла за битието, позиционирајќи се себе како етаблиран субјект во однос на светот како нејзино не – јас.

Историјата е полна со сведоштва за успешни фотографки почнувајќи од Џулија Маргарет Камерон и Тина Модоти, па се до Синди Шерман и Ени Лебовиц. Во својата позната студија насловена со За фотографијата (On photography) познатата есеистка и писателка Сузан Сонтаг ja разгледува специфичноста на фотографијата создадена од автори припаднички на женскиот род. Сузан Сонтаг под посебна анализа ги става фотографиите на Ени Лебовиц и го провлекува тврдењето дека генијалноста изразена во посебната убава уметност – фотографијата им припаѓа како атрибут на жените исто онолку колку што им припаѓа на мажите. Фотографската уметност е една од ретките уметности во чие етаблирање и развој, жените придонесувале подеднакво со мажите. Поради тоа може да се каже дека заложбите на жените и нивното интегрирање во создавањето на реалноста и пресликување на убавото е значајна и дека фотографијата е таа која е доказ за успешноста на жените во креирање на поубав и похуман свет.

Улогата на фотографијата во современото доба е разгледувана од различни агли. Некои тврдења одат во насока на афирмација на фотографската дејност како еманципирачка меѓудругото и за женскиот род. Други тврдења одат во насока на доживување на улогата на фотографијата во современото доба како продолжен медиум за обликување на човекот како конзумер, визуелно суштество и ја отвора неговата воајерска природа. Фотографијата како и другите уметности во современото доба, освен улога на уметнички печат има и медиумска функција и најчесто служи за комуникација и пренесување на пораката. Применетата страна на фотографијата ја открива состојбата со сите уметности во денешницата.

Каква и да е улогата на фотографијата, се третирала таа како убава уметност, како ангажиран медиум на капиталистичкото општество, или како обликувач на современиот човек, присуството на жената во сферата на фотографирањето е силен доказ дека таа не е исклучена од современите текови и од нивното создавање или репродуцирање. Фотографирањето може да стане мирен начин жените да го презентираат својот прозорец кон светот и да ја искористат фотографијата за да испратат гласна порака за тоа како сакаат светот да изгледа со целиот нивен идеализам, утопизам, болка и меланхолија поради актуалната состојба.

Comments are closed.