Официјалното отворање на Фестивалот се случи на 25-ти мај (сабота) во 12:00 часот, во НУЦК „Трајко Прокопиев“ со веќе добро познатата меѓуклупска изложба насловена како „Круг“. Оваа година членовите од нашиот клуб ФК Куманово имаа можност да си ги „одмерат силите“ со Фото-кино клуб Параќин од Србија, кој важи за еден од позначајните и наградувани клубови во регионот. Фотографиите кои беа испраќани од членовите, беа жирирани од минатогодишниот клуб со кој се натпреваруваше Нашиот клуб, фото клуб „Формат“ од Чачак. Оваа изложба беше од натпреварувачки карактер и на неа беа изложени околу педесетина примени фотографии. Претседателот на Фото клуб Куманово на најуспешните фотографи им додели трофеи за прво, второ и трето место, а беа доделени и три дипломи за „фотографии конкуренти“ за награда.
Последователно по оваа изложба во 12:30 часот беше отворена изложбата на делата од двете најголеми кумановски основни училишта „Кочо Рацин“ и „Крсте Мисирков“. Во реализација на овие фотографии кои ги направија учениците од фото секцијата водена од менторот Марина Крстиќ, беше вклучен скоро целиот клуб. Членовите држеа предавања, фото-сафариа, презентации на учениците, се за нивно покреативно изразување, а чии резултати во дваесетина фотографии, во мал формат беа претставени во „Домот на културата“. И оваа изложба беше од натпреварувачки карактер, на учениците им беа доделени дипломи за прво, второ и трето место.
Караванот изложби продолжи во Уметничката галерија во 13:00 часот со самостојна изложба на познатиот новосадски фотограф, член на Фото клубот Војводина, Јан Вало. Колекцијата „На патот кон судбината“ е составена од 30 фотографии преку кои Јан ни го претстави неговиот светоглед и емотивните приказни на разни судбини од неговото опкружување.
Следна на репертоарот беше клупската изложба „Тумба“ чие отворање беше одржано исто така во Уметничката галерија во 13:30 часот. Тука публиката имаше прилика да ги види дваесетте фотографии на членовите и курсистите од ФК Куманово. Традиционалнона на оваа изложба беа доделени дипломите за завршен курс на овогодинешните курсисти.
Програмата продолжи во „Занаетчискиот дом“ со интернационалната изложба „Игра“ (Play), беше отворена во 17:00 часот. Тука јавноста можеше да се запознае со околу шеесетина уметнички фотографии, од автори од целиот свет, кои во изминатата година се издвоиле како најдобри во своето поле на фотографирање. На изложбата беа застапени фотографии во 9 теми (слободна колор и монохром, фотожурнализам, жена, патување,природа, живот, улица и минимализам).
Саботната програма заврши со самостојната изложба на членот на Фото клуб Куманово, Жаклина Стефановска во 18:00 часот, во клупските простории. Таму беа презентирани 26 дела од авторката во различни тематики, иако преовладуваат сцени од секојдневниот живот сите се на некој начин предизвик за самата авторка.