logo
logo

промоција на „животот во хавана“ од роберто брсакоски

Во просториите на Фото клуб Куманово на 30 август (петок) се одржа промоција на новото дело на авторот Роберто Брсакоски, „Животот во Хавана“. Со промоцијата на книгата вооедно беше отворена и изложба на неговите фотографии.

Роберто Брсаковски е роден во Скопје, 1970 година. Тој е фотограф, филозоф, патописец кој со својата фотографија ја прикажува својата филозофија и перцепција на урбаните средини. Ги опишува нивните убавини, природата , расположението, луѓето и амбиентот.

Познатиот критичар Владимир Плавевски за книгата на Брсакоски ќе напише:

Роберто Брсакоски (роден во Скопје во 1970 година) не е непознат автор во нашата, македонска, фотокултурна јавност. Овој дипломиран економист со фотографија се занимава од 1985 година, од 1994 година и како член на Фотоклубот „Елема“ од Скопје. Изложувал во над 50 национални и меѓународни изложби, освојувајќи повеќе награди. Во 1995 година како автор се појавува со самостојна изложба на црно-бела, аналогна фотографија насловена „Живот“ во Изложбениот салон на КИЦ – Скопје. Во 2005 година ја поставува втората самостојна изложба на аналогни црно-бели фотографии насловена „Осаменост“.

Неговата фотомонографија „La Vida De La Habana“ е типичен пример во фотографскиот досег за хуманитарното социјално доживување на градот познато како фотоприказ на еден град, во неговиот случај – далечната Куба преку Хавана, која ни отвора свет што во многу елементи ни е далечен, па дури и чуден, со што ја покажува неговата несомнена остра фотографска перцепција на социјално-културното милје што треба да се сознае, секако преку неговата колор, дигитална визура. И фотографот Роберто Брсакоски тоа го изведува на зачудувачки лесен начин што нема да ве остави рамнодушни по прелистувањето на оваа импресивна фотомонографија. На моето прашање зашто ја сака Куба, стегнат во импресивна маица со познатиот лик на глобално култниот Че Гевара, Роберто одговара дека Че Гевара и Фидел Кастро му се идоли чијшто интегритет и дејствување го импресионираат со својата мисла и акција за отпор кон туѓи мислења и дејствувања. Секако, на него дејствувал и импресивниот документарец „Буена Виста соушал клуб“, што му го открил духот на Кубанците, кој и преку нивната музика е атипичен и специфичен во многу компоненти. И со тие расуди, во април 2017 година, Роберто, резервирајќи пат и престој преку интернет, самиот со себе, облагороден со својот фотоапарат, тргнува на двонеделен престој во Хавана. Тоа што за тие четиринаесет денови го видел и го доживеал во Хавана го изразувал преку постојано чкрапање на неговиот „канон“. Кубанците се постојано присутни во речиси секој кадар на фотографиите. Најобични луѓе во најразновидно опкружување што импресионира, за нас, секако, со својот колонијалистички стил што се распаѓа во времето и просторот. Импресиите се пренесуваат и кон нас, со гледањето на оваа импресивна фотоколор-монографија „La Vida De La Habana“ (Животот во Хавана).

Фотомонографијата „La Vida De La Habana“, тематски, фотографски е поделена на четири фотоедиции по триесетина колор-фотографии насловени „Луѓе“, „Улици“, „Возила“ и „Архитектура“. Секако, луѓето од Хавана се присутни во сите тематски целини како оцртување на идејата на Роберт за севкупност на неуништливиот дух на кубанскиот народ. Визуелниот аспект и композицијата се доминантните фотосимболи во неговите фотографии, со што пред нас протекува неговото раскажување на животот на Кубанците во Хавана и симболизмот на битисувањето во дадените социјално-политички условености.

Фотосегментот „Луѓе“ со кој почнува оваа фотомонографија е најимпресивниот дел на книгата, бидејќи брутално нè воведува во пребогатата визуелна нарација на авторот. Снимани се луѓе од Хавана надвор, на улица, во амбиент што ги опкружува, амбиент што фасцинира, амбиент што е тековно социјално поставка на хаванците. За време на неговиот престој Роберто не можел да пенетрира во нивните домови, но фотографирал на улиците и фотографиите импресионираат со социјалниот статус на жителите од Хавана. И во Хавана се присутни ѕидните мурали како показ на нивните улични ликовни импулси околу кои хаванците шетаат, разговараат, се договараат… Роберто најчесто снима со нормален, поретко со широкоаголен објектив, најретко со лесен телеобјектив. Луѓето пазаруваат во затворени продавници сè уште со ликовите на Че Гевара, воврени во нечисти алишта со натпис – Фидел Кастро. Старци, со загубен поглед, седат на праговите на куќите со излупени фасади; продаваат егзотично овошје и зарзават овошје на провизорни тезги; играат домино на маса спрострена на нивните колена; седат на ’рѓосани колички и расипани стари телевизори пред нивните станови; инвалиди (можеби и воени) седнати во своите колички загледани некаде пред себе, во минатото или иднината; излупени балкони обогатени со алишта што ги сушат ветровите на Куба… Луѓето се втурнати на работ на социјалната егзистенција, оти речиси сите што Роберто ги фотографирал исчекуваат нешто; речиси сите пушат, и жените секако, некои и томпуси, некои имаат мобилни телефони в рака, а некои – патерици. И нивните излупени ѕидови се оптоварени со графити…

Фотосегментот „Улици“ ни ги прикажува типичните улици на Хавана, што, за наше чудење, не се обременети со сообраќаен метеж, туку се збогатени со автомобили со музејски вредности. Стари автомобили, од американско производство, во најразлични бои, сè уште дефилираат низ улиците на Хавана, паркирани во тесните улички. И понекој мотор со својот горделив сопственик.

Фотосегментот „Возила“ го импресионира нашиот фотограф со својата античка вредност и податокот дека сè уште се во одлична возна состојба. Роберто е горд, бидејќи се возел со функционален олдмобил „шевролет импала кабриолет“ од 1953 година, што го возел низ Хавана за да сфати дека му се остварил сонот…

Кога јас бев во Австралија, за да посетам изложба на стари автомобили морав да платам 25 австралиски долари. Фотографирањето на експонатите беше забрането! А кога сакав на паркинг да фотографирам стар „форд К“, сопственикот бараше да му платам! Сигурен сум дека на Роберто никој не му наплатил за фотографирање на олд-автомобилите што се перчат на улиците на Хавана. Сопствениците се гордеат оти за нив времето застанало уште пред револуционерната појава на Кастро и Гевара. Присутни се и мотори, и со приколки на моторот што ние не сме ги виделе одамна, светнати и чисти како за фотографирање со своите сопственици, кои и ги вардат, а се фотографираат за да докажат дека имаат нешто што треба да се покаже.

Фотосегментот „Архитектура“ ја прикажува архитектурата на Хавана, од нивниот импресивен парламент (IL CAPITOLIO) и Театарската зграда до веќе старите, неоколонијални градби што се наоѓаат во состојба на надворешно руинирање, изгризени од времето и настаните. Поголемиот број згради, за да ги покаже во нивната грандиозност и руинираност, Роберто ги фотографира во вертикална форма, назнака за нивната величественост и величина. Меѓу колонијалните згради вишнее по некоја модерна повеќекатна убавица. И речиси пред секоја зграда, како фотоукрас, врват олд-автомобили со дречливи бои, а пред гранапите дреждат чекачи за, најверојатно, прехранбени артикли. На мал плоштад се топори и тенк како вајарски артефакт што сигурно имал одредена улога во Кубанската револуција. Последната фотографија е плажата во Хавана, како метафора за оплакнувањето на едно изминато време, луѓе и настани што сè уште битисуваат во современа глобалност на човечката ентропија. Кога ќе ја склопите оваа импресивна фотомонографија на авторот Роберто Брсаковски ќе сфатите што сака да каже авторот – јас гледам и цртам со светлината за да ја раскажам моја приказна за „Животот во Хавана“, La Vida de la Habana.“

Настанот започна во 19:30 часот и гостите беа добредојдени во весела дружба со многу музика и имаа можност да ја слушнат приказната за создавањето на книгата. Фотографиите од настанот можете да ги погледнете подолу.

Comments are closed.