Фестивалот на уметничка фотографија насловен „Малински фото фестивал“, беше отворен во Ноември во Куманово. Ова е прв настан од ваков вид во Куманово, но впрочем и во Македонија. Посетителите и љубителите на арт фотографија имаа можност да проследат пет изложби и 12 проекции во изложбените галерии низ градот, како што се Центарот за култура Трајко Прокопиев, Уметничката галерија и Театар на град Куманово, но и во неформални простори каде што можат да се видат уметнички фотографии на автори од Македонија, соседството, но и фотографии од реномирани автори од светот.
Отворањето на фестивалот започна во кафе клубот “Wire” со изложба на минијатури од наградуваните фотографии на меѓународни изложби, за чија реализација клубот доби помош од повеќе клубови од Србија, Босна, Турција и Египет.
Подоцна во кумановскиот Центар за култура беше отворена и поставката на меѓуклупската изложба „КРУГ“ која имаше натпреварувачки карактер меѓу Фото клуб Куманово и Прилепскиот фото кино клуб. Селекторот на изложбата додели и награди на најуспешните автори кои изложија свои фотографии на конкурсот.
Фото клубот и фестивалот беа домаќини на Мирослав Предојевиќ, претседател на уметничкиот совет при Фото сојуз на Србија, кој реализиаше самостојна изложба насловена „Фотографи и модели“ која опфаќа 50 црно бели фотографии. Предојевиќ вели дека 35 години се занимава со уметничка фотографија и дека се уште ја користи аналогната постапка.
Посетителите имаа можност да ја проследат и клупската изложба на фотографија Тумба, која претставува пресек од наградуваните фотографии на членови на ФК Куманово, фото проекциите на кои се презентирани колекциите на најпознатите турски автори, колекција на најголемиот клуб во светот ИФСАК, две проекции од најуспешниот ФИАП автор, Луис Алберто Франке од Аргентина. Фестивалот го затвори клупската изложба на фотографии на „Шангај Арт клубот“, кој важи за еден од најактивните клубови во Азија.
Фестивалот е посветен на првото фотографско семејство во Куманово, Малински, кое во раниот 20 век го бележи времето во кое живее, преку разните портрети и прикази на животот во Куманово. Фестивалот го носи името на Малински, односно на Ѓорѓи Малински кој е прв фотограф во Куманово. Работел во „Илустрирани лист“ во Белград, а потоа отвора фото студио „Марс“ во 1926 година кое продолжува во семејството под името Малински.