logo
logo

Владимир повторно во Параќин: „Бенин“

На 13 јуни 2025 година, во просториите на библиотеката „Д-р Вићентије Ракић“ во Параќин, Србија, беше отворена самостојната изложба на уметничка фотографија на Владимир Јовановски, член на фото клуб Куманово. Ова е втората негова изложба во Параќин, по успешната претходна презентација на Сарматес фестивалот, и повторно е во организација на реномираната фото група ArtTеаm, предводена од фотографот Бојан Петровиќ.

Изложбата, насловена „Бенин“, претставува силна визуелна нарација за секојдневниот живот, духот и автентичноста на луѓето од Западна Африка. Делата на Јовановски се резултат на неговото неодамнешно патување во Бенин, каде преку фотографијата успеал да фати неприкрасени, емотивни и живописни моменти од еден свет кој е далечен, но човечки блиску.

На фотографиите се прикажани деца со широко отворени очи и искрени насмевки, моменти од локалниот пазар, улиците полни со живот, традиционални обичаи и сцени од секојдневието. Секоја фотографија раскажува приказна – топла, реална и човечка. Особено внимание привлече фотографијата со наслов “Mystified Mob”, каде група деца ја следат дрон камерата со нескриено воодушевување, симболизирајќи го судирот на традицијата и модерната технологија.

Преку оваа изложба, Владимир не само што го донесе Бенин поблиску до публиката, туку повторно ја истакна моќта на фотографијата како универзален јазик. Неговата работа претставува мост помеѓу култури, приказ на емпатија и длабока посветеност кон фотографијата.

Фото клуб Куманово со гордост уште еднаш потврдува дека нашите членови се активни и признати на интернационалната сцена.

Comments are closed.