Од 7 октомври до 12 ноември 2026 година, во Уметничката галерија на Центарот за култура во Дусетос, Литванија, е поставена самостојната изложба „Street Life“ на Виктор Трајковски, член на Фото клуб Куманово. Серијата во боја, создадена на улиците на различни европски градови, ги бележи автентичните мигови од секојдневието, емоциите на луѓето и неочекуваните фрагменти од животот што повеќето минувачи би ги пропуштиле.

Поставката доаѓа по летошното гостување во Зарасаи, каде Трајковски ја претстави истата серија заедно со Владимир Јовановски. Тоа гостување го иницираа литванската фотографка Норманте Рибокаите и Алвидас Стаускас, директор на галеријата во Дусетос, а сега „Street Life“ се претставува и самостојно пред литванската публика.
Трајковски е роден во 1977 година во Минстер, Германија, и живее во Куманово. Повеќе од една деценија се посветува на уличната фотографија, а како важно влијание го посочува Алекс Веб, особено неговото чувство за боја, динамичната композиција и повеќеслојното раскажување. Неговите кадри не се пасивно бележење на случајноста: тој внимателно ја избира позицијата, ја предвидува сцената и чека бојата, движењето и човечкиот гест да се сложат во кратка визуелна приказна.
Серијата досега беше прикажана во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, во Свети Николе и на меѓународниот фестивал на фотографија SARMATES 4 во Параќин, Србија. Трајковски редовно добива признанија на фотографски конкурси, на кои повеќепати има освоено и први места.
Фото клуб Куманово му честита на Виктор за уште едно меѓународно претставување. Изложбата може да се погледне до 12 ноември 2026 година.
Од поставката во Дусетос:



Дел од фотографиите од серијата „Street Life“:



















