Ивона Кочов е родена 1975 година во Битола. За фотографијата се заинтересирала уште од најраното детство кога често ја посетувала импровизираната лабараторија на нејзиниот татко и стрико, кои ентузијастички се занимавале со развивање на филмови и правење на фотографии. На почетокот од 90-тите години почнува да фотографира со обичен аналоген апарат кога се запознава со Атанас Нашоку Саку признат битолски и македонски фотограф од постарата генерација, кој пријатно изненаден од нејзината желба за фотографирање и поклонува апарат Зенит. После неколку години на интензивно фотографирање, поради недостаток на средства за разивање на филмовите како и заради обврските кон факултетот, настапува период на децениска стагнација. Со појавата на дигитална технологија се враќа и нејзиниот интерес кон фотографијата најпрво преку најобичен компактен апарат (2009 год.), а потоа и со купување на DSLR Nikon апарат (2013 год.) и малку посериозен пристап кон уметничката фотографија. Тоа резултира со зачленување во ФКК Битола и со многу поинтезивна работа која наредните години ќе донесат забележителни резултати. И тоа: бронзен медал на изложбата за уметничка фотографија „УЛИЦА“ (2015), бронзен медал на „Денови на македонската фотографија“ за поединечна фотографија (2015), бронзен медал за колекција на „Денови на македонската фотографија“ (2015), прва награда на изложбата „Сo љубов од Битола“ (2015), бронзен медал на меѓународниот натпревар „Photo Story“ (2016), IAAP сребрен медал на меѓународниот натпревар „View Point“ (2015), IAAP ribon и NMPU диплома на меѓународниот натпревар „Play“ (2016), диплома за поединечна фотографија на „Денови на македонска фотографија“ (2017) итн.