logo
logo

Стефан Коцевски со самостојна изложба на SARMATES 5 во Параќин

Стефан Коцевски пред своите концертни фотографии

На 29 и 30 октомври 2026 година во Параќин, Србија, се одржа петтото издание на меѓународниот фестивал на фотографија SARMATES, а нашиот член Стефан Коцевски беше дел од програмата со самостојна изложба на концертна фотографија. Изложбата беше отворена на 30 октомври, во втората фестивалска вечер, во Регионалниот иновациски стартап центар (RISC), пред публика од фотографи, учесници на фестивалот и љубители на фотографијата.

Поставката опфати црно-бели фотографии од концертни настапи, создадени откако Стефан во 2023 година почна да се занимава со фотографија. Неговиот пристап бара непосредно набљудување и брза реакција на она што се случува на сцената: светлината, движењето, гестовите и изразите на изведувачите се фатени во мигови што не можат однапред да се наместат ниту да се повторат. Повеќе посетители беа изненадени кога дознаа дека зад овие кадри стои автор со само три години фотографско искуство.

Меѓу гостите на отворањето беше и британскиот фотограф Тим Пајл од Бирмингем, кој со интерес ги разгледа фотографиите и разговараше со Стефан, а локалната телевизија Канал М сними прилог со него за фестивалот.

SARMATES, кој го носи името на античката населба што во римско време се наоѓала на територијата на денешен Параќин, оваа година за првпат обедини пет изложби, поставени во галеријата „U prolazu“ на градската библиотека, во Културниот центар, во фоајето на Театарот Параќин, во RISC и во Завичајниот музеј. Покрај Стефан, изложуваа Тим Пајл, Славољуб Радојевиќ од Крагуевац и полазниците на курсот по фотографија на фото групата „Арт тим“, а вториот ден беше одржано и традиционалното фото-сафари. Фестивалот го води Бојан Петровиќ Бокац, а на отворањето присуствуваше и претседателот на Фото сојузот на Србија, Бранислав Бркиќ.

По враќањето, Стефан го опиша гостувањето како одлично искуство: добро посетени изложби, топло гостопримство на организаторите, позитивни коментари за неговата изложба и многу нови познанства.

Ова е уште едно меѓународно претставување на Стефан по самостојната изложба во Бор во јуни 2025 година, а летово тој изложуваше и на заедничката изложба со Наум Цветковски во „Министерство“ во Куманово. Соработката на клубот со фестивалот продолжува: минатата година на SARMATES 4 ја претстави својата серија „Street Life“ Виктор Трајковски.

Фото клуб Куманово му честита на Стефан за успешната изложба и му благодари на Бојан Петровиќ Бокац и на тимот на SARMATES за поканата и гостопримството.

Од отворањето на изложбата:

Од фестивалот:

Comments are closed.