На 22.10.2021 (петок) во просториите на Занаетчиски дом Куманово, во рамките на настанот Wire Artworks 2021, беа изложени фотографиите на членот на Фото клуб Куманово, Марија Јовановска.
Марија Јовановска е родена 1986 година во Куманово, Македонија. Љубовта кон фотографијата ја наследува од својот татко, па уште во раната младост влегува во тајните на аналогната фотографија, посетува семинари за фотографија, учествува на школски изложби, олимпијади, клупски, државни и меѓународни изложби на фотографија – наменети за млади. Страста кон фотографијата ја опишува како интимен однос помеѓу фотообјективот и нејзиниот хоризонт. Нејзиниот примарен фокус е убавината и спонтаноста на секоја тривијална емоција од еден момент со која ѝ дава плодност на фотографијата како замрзната фракција од времето. Фотографијата за неа е хоби во кое ужива онолку колку што ѝ дозволува слободното време. Секое нејзино патување е посветено токму на фотографијата и истражување на непознатото.
Нејзините фотографии се одликуваат со јасна и недвосмислена порака која го задржува погледот на гледачот. Своите фотографии ги изложува преку Фото клуб Куманово.
Настанот е во организација на Wire Entertainment, независна музичка издавачка куќа, а со Поддршка на Министерство за култура и општина Куманово. Изложбата се реалзира согласно сите протоколи за организирање на настани во затворен простор.