На 08 март 2022 година (вторник) во 11 часот во просторите на Народен Музеј – Свети Николе под покровителство на Национална фото унија, Фото клуб Куманово и Министерство за култура на Република Македонија се одража Ретроспективна изложба на Душко Јовановски.
Душко Јованoвски е роден 1949 година, КМ ФСЈ, фотограф ентузијаст. Во светот на фотографијата влегува 1967 година со фотографијата „Очекување“. Следната деценија опојната магија на фотографијата за него ќе биде предизвик и инспирација, а уметничката фотографија творечко хоби. Во потрагата по визуелниот идентитет, а во духот на времето ќе сними бројни фотографии со визуелно-експресивна вредност и нагласена естетика, каде што мигот, емоцијата и симболиката се преточуваат во суптилна порака која буди интерес и внимание. Учествувал на бројни изложби каде има постигнато видливи резултати. За постигнатото реноме и нивото на естетско изразување од областа на уметничката фотографија, во Загреб, 1977 година е прогласен за Кандидат-Мајстор на Југословенската фотографија. Како селектор или член на жири-комисии се појавува на многу клупски, државни и меѓународни изложби на фотографија. При крајот на седумдесеттите престанува да излага свои фотографии, но останува активен член во Фото сојузот на Македонија и отворен соговорник за помладите автори кои се појавуваа во македонската фотографија. Последните години повторно се враќа на фотографијата, работи на дигитализација на своите фотографии со цел да ги направи достапни за сите, а повремено излага на изложби и манифестации организирани од Фото клуб „Куманово“. Живеел во Куманово и бил почесен член на Фото-кино клуб „Козјак“ и Фото клуб „Куманово“. Почина во 2021 година во Куманово.